Двајца руски и еден украински државјанин се уапсени во Албанија, откако во саботата (20-ти август) се обидоа да влезат во ограничената воена зона и ги нападнале војниците кои ја обезбедуваа.



Инцидентот се случил вечерта во Воениот погон Грамш. Чуварите забележале сомнителна активност на периметарот на објектот и веднаш го известиле шефот на чуварот дека поединец се обидел да влезе и да фотографира, јавува порталот Exit.al.

„…еден од руските државјани, идентификуван со иницијалите М.З.(24), употребил спреј за невропарализа на двајца чувари, откако војниците го фатиле“, додаваат од Министерството.

Двајца други, Русинка идентификувана како С.Т., на возраст од 33 години, и Украинец идентификуван како Ф.А., на возраст од 25, исто така беа уапсени во близина.

„Каква гордост за воените стражари кои неутрализираа три лица осомничени за шпионажа“, напиша албанскиот премиер Еди Рама на Твитер и додаде: „Сега да го чекаме целосното расветлување на овој настан“.

Според информациите на официјалната веб-страница на министерството, се работи за фабрика која се занимава со производство за одбранбената индустрија, која произведувала руски пушки АК 47 (Калашников) за време на комунизмот.

Министерството за здравство и социјална заштита информира дека двајцата војници повредени во инцидентот се во стабилна состојба на павилјонот за токсикологија во Универзитетската болница „Мајка Тереза“.