Руската православна црква ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА!

Светиот синод на Руската православна црква на својата денешна седница донесе одлука да ја признае Македонската православна црква – Охридска архиепископија како автокефална.



„На 25 август 2022 година, за време на состанокот на Светиот синод на Руската православна црква, беше слушната пораката од Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил за доделувањето од страна на Српската православна црква на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Синодот одлучи да му се заблагодари на Господ Бог за решавањето на прашањето за статусот на Православната црква во Северна Македонија на канонска основа и да ја признае Македонската православна црква – Охридска архиепископија како автокефална сестринска црква, впишувајќи го името на нејзиниот поглавар, Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски Стефан, во светите диптиси.

Членовите на Синодот изразија надеж дека најмладата во семејството на автокефалните православни цркви, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, цврсто ќе ја зачува светата православна вера во чистота и чесност и ќе ја почитува верноста кон православната канонска традиција.

Учесниците на состанокот, исто така, одлучија да ги известат Неговата Светост Патријархот српски Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, за одлуката на Светиот Синод“, се вели во соопштението на РПЦ.