Од минатото лето, Русија изгради „обемни системи на воена одбрана невидени било каде во светот со децении“ во областите што ги контролира во Украина, како и во нејзините погранични региони, се вели во извештајот на британското Министерство за одбрана.



„Руските екстензивни воени одбранбени системи укажуваат на длабока загриженост за најавената украинска офанзива“, објави вчера британското разузнавање.

„Русија направи посебни напори да ја зајакне својата одбрана околу северната граница на Крим, која е под окупација девет години“, соопшти Министерството.

Русија исто така ископа стотици километри ровови на окупираната украинска територија и длабоко во руската територија.

„Покрај стравот од украински пробив, одбранбените мерки веројатно се и обиди да се промовира официјалниот наратив дека Русија е загрозена од Украина и НАТО“, пишува Министерството.

Сликите покажуваат дека Русија вложила посебни напори за утврдување на северната граница на окупираниот Крим, а исто така ископала „стотици километри ровови во меѓународно признатите граници на руската територија, вклучувајќи ги и регионите Белгород и Курск“.