Русите сакаат да регрутираат до 700.000 нови војници – тврди Украина

Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, тврди дека Русија подготвува втора мобилизација во јануари и планира да регрутира до 700.000 резервисти. Москва во септември и октомври регрутираше околу 300.000 војници за војната во Украина, што предизвика стотици илјади Руси да ја напуштат земјата за да избегнат мобилизација.



Украинскиот функционер на Твитер тврди дека тие 300.000 мобилизирани веќе биле „убиени, ранети или деморализирани“.

„Русија се подготвува за нов бран на мобилизација во јануари. Планот е да се регрутираат од 500.000 до 700.000 луѓе. Претходно мобилизираните 300.000 веќе се убиени, ранети или деморализирани“, објави Герашченко.

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков вчера изјави за новинарите дека Кремљ не размислува за нова мобилизација за војната во Украина.