Покрај на теренот, Русија и Украина водат војна и со информации во првите два дена од руската воена интервенција на територијата на соседот.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека досега се онеспособени 211 воени инфраструктурни објекти во Украина, и тоа 11 аеродроми, 19 противвоздушни ракетни системи С-300 и „Оса“, 39 радарски станици и 17 контролни точки и комуникациски центри.
Од таму додаваат и дека се соборени 6 авиони, 1 хеликоптер и 5 дронови, како и дека се уништени 67 тенкови и други оклопни возила, 16 повеќецевни фрлачи на ракети, 5 бродови и 87 оклопни единици, а преземена е и контролата врз нуклеарната електрана во Чернобил.
Украинските оклопни сили, пак, тврдат дека руските трупи запреле во близина на североисточниот град Конотоп, откако претрпеле големи загуби во текот на борбите. Во соопштението се вели и дека имаат проблем со горивото и со снабдувањето, како и дека имало случаи на грабежи од руските војници во локалните продавници.






