Русија има суфицит на тековната сметка од 95,8 милијарди долари досега во 2022 година, соопшти Централната банка, благодарејќи на зголемените цени на нафтата и на гасот што ги извезува, во комбинација со драстично намалениот увоз во услови на западни санкции.
Овогодишниот вишок е повеќе од тројно поголем од 27,5 милијарди долари во истиот квартал минатата година и е највисок од 1994 година.
Иако Европската унија јавно го осуди Кремљ за војната во Украина, таа допрва треба да воведе ембарго на нафта и останува главен извозен пазар на Русија. Во меѓувреме, Кина и Индија го засилија купувањето на руска нафта.
Минатата недела Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) соопшти дека приходите од извозот на руската нафта се зголемени за 50 проценти од почетокот на 2022 година, при што Москва генерира близу 20 милијарди долари месечно од продажба.
Обемот на извозот се врати на нивоата пред Русија да ја нападне Украина. Во април извозот на руска нафта се зголеми за 620.000 барели дневно во однос на претходниот месец и достигна 8,1 милиони, враќајќи се на просекот во јануари и февруари, објави ИЕА.
Приходите од продажбата на нафта и гас – како и строгата контрола на капиталот на Москва – помогнаа да се поддржи руската рубља, која стана валута со најдобри резултати во светот во однос на доларот, пишува американската вебстраница за финансиски и бизнис вести „Бизнис инсајдер“.






