Москва би можела да ги прекине дипломатските односи со Вашингтон доколку САД ја прогласат Русија за држава-спонзор на тероризмот, објави руската државна новинска агенција ТАС.
Шефот на северноамериканскиот оддел во руското Министерство за надворешни работи, Александар Дарчиев, рече дека доколку САД се решат на таков потег, билатералните односи ќе ја преминат „точката од која нема враќање“. „САД се предупредени“, рече Дарчиев.
Тој рече дека доколку Белата куќа се реши на овој чекор, тоа ќе доведе до „најтешка штета на билатералните дипломатски односи, до таа мера што тие ќе бидат намалени, па дури и прекинати“.
Така Белата куќа би ја преминала границата од која нема враќање назад, рече Александар Дарчиев.
Во четвртокот, парламентот на Латвија ја прогласи Русија за државен спонзор на тероризмот и, заедно со Финска и Естонија, повика на сопствениците на руски пасоши да им се забрани влез во Европа.
Минатиот месец, двајца американски сенатори кои сакаат да поднесат предлог-закон за прогласување на Русија за државен спонзор на тероризмот го посетија Киев за да разговараат за законот со претседателот Володимир Зеленски, потсетува Ројтерс.







