Се’ поизвесно е дека во Русија почнаа жестоки борби меѓу редовната руска армија и припадниците на Вагнер.
Силите на шефот на платеничката армија на Пригожин, утрово веќе соборија најмалку еден хеликоптер, како што беше соопштено. Подоцна се појавија снимки од руски авион кој наводно бил соборен од Вагнерците.
„АН-24 се урна во регионот на Воронеж. Најверојатно е погоден. Се урнал во близина на селото Кантемировка. Според првичните информации загинале три лица“, објави руската медиумска агенција База.
Пригожин во својата последна порака му се обрати на Владимир Путин и му порача дека погрешил што го обвинил за предавство. Тој додаде дека Вагнерците не планираат да се предадат по наредба на Путин.
Пригожин, вети дека „ќе оди до крај“ за да го собори руското воено раководство и да го симне Владимир Путин од тронот. Одиме понатаму и ќе одиме до крај“, рече во аудио пораката Евгениј Пригожин (62).
„Ќе уништиме се што ни стои на патот“, додаде тој во најхрабриот предизвик до претседателот Владимир Путин од почетокот на офанзивата во Украина минатата година.
„Русите повеќе не сакаат земја во која има корупција, лаги, бирократија“, рече Пригожин.
Евгениј Пригожин вчера го обвини руското воено раководство, особено министерот за одбрана Сергеј Шојгу, дека извршил напад врз неговите борци кои биле во камп на окупираната територија на Украина.
Според Пригожин, во нападот загинале неколку десетици Вагнерци. Повеќе од доволно за Вагнер да тргне во одмазднички поход.
Во текот на ноќта силите на Вагнер ја преминале руската граница и се упатиле кон Ростов на Дон и Воронеж.
Тие мораа да поминат повеќе од 100 километри во колона на отворен пат кон Ростов на Дон што е многу тешка и ризична задача.
Но тие не наишле на отпор. Во раните утрински часови на приодите кон Ростов на Дон се случи мала пресметка, која вагнерите брзо ја решија во своја полза и притоа соборија најмалку еден хеликоптерпо што Вагнерците влегле во Ростов и „прошетале“ до самиот центар на градот.
Судејќи по се’, одлучувачки момент бил кога 45-та руска независна гардиска специјална бригада одлучи да не се бори.
Тоа го докажуваат и видеата направени со мобилни телефони на кои се гледа како тенковите на Вагнер влегуваат во градот додека руските војници пасивно стојат.
Потоа дојде веста дека силите на Вагнер, исто така, го зазеле Воронеж без борба. Заземањето на Ростов на Дон беше повеќе од доволно за да предизвика општа паника во Москва.
Ростов на Дон е главниот логистички центар на руските сили во Украина. Поради ова, Пригожин и Вагнер сега имаат пристап до илјадници тони муниција и стотици илјади литри гориво. И којзнае колку тенкови, борбени возила, артилериско оружје…







