Русија објави кој се условите за завршување на војната

САМО капитулацијата на Киев ќе стави крај на руската офанзива во Украина, соопшти денеска Москва, откако викендов се одржа состанок во Саудиска Арабија, кој не донесе напредок за завршување на војната во Украина.



„Убедени сме дека навистина глобално, трајно и праведно решение е можно само доколку режимот во Киев престане со непријателствата и терористичките напади“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, а пренесе „Hina.hr“.

„Треба да се препознаат новите територијални реалности, да се обезбеди демилитаризација и денацификација на Украина“, додаде таа.

Захарова нагласи дека Москва бара потврда за „оригиналните основи на суверенитетот на Украина: нејзиниот неутрален, неврзан и ненуклеарен статус“.

Тие барања, кои Москва веќе ги објави кога ја започна својата офанзива во февруари 2022 година, Киев ги отфрли.

Захарова го изјави ова откако викендов во Саудиска Џеда се одржаа разговори на околу четириесет делегации за Украина, во кои беа вклучени делегации од западните земји и брзорастечките економии блиски до Москва, вклучувајќи ги Кина и Индија, но не и Русија.

Иако Захарова во понеделникот рече дека Москва „високо го цени посредувањето (…) на нивните пријатели од земјите на југот, таа истакна дека „мирното решение е невозможно“ врз основа на мировната формула предложена од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ниту една од неговите 10 точки не е насочена кон изнаоѓање преговарачко и дипломатско решение за кризата, а сите тие се бесмислен ултиматум кон Русија, чија цел е да ги продолжи непријателствата“, рече портпаролката на руската дипломатија.

Дводневниот состанок беше дел од дипломатските напори на Украина да допре до земјите од „глобалниот југ“ кои не сакаа да заземат страна во конфликтот, иако тој ја погоди глобалната економија, заедно со нејзините главни западни сојузници кои ја поддржуваат.