Еден ден по објавата за протерување нејзин дипломат од Скопје, Амбасадата на Руската Федерација „обзнани“ дека продолжува да го шири своето влијание на Балканот, посебно во Македонија, и тоа со помош на – пингвини!



Зоолошката градина од Москва излезе со детали на својата вебстраница, користејќи го името Македонија:

„На 15 мај однесовме шест пингвини Хумболт во зоолошката градина во Скопје (Македонија). Ова е потомство од последните две години. Тие се веќе доволно стари за да создадат свои двојки. Таму тие ќе се сретнат со група пингвини од Италија и – се надеваме – ќе станат основа на нова популација.

Овие пингвини се први во историјата на зоолошката градина во Скопје. Сепак, македонските колеги се однесуваат кон задачата максимално одговорно. Конструираното живеалиште ги исполнува сите барања на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми, што е многу тешко. Хумболтите се многу пребирливи за односот на температурата на воздухот и водата, длабочината на резервоарот, квалитетот на храната и многу повеќе.

Нашите птици се подготвуваа за летот отпорано. Беа спроведени сите потребни ветеринарни процедури, беа проверени индивидуалните чипови (условни пасоши) и беа изградени удобни контејнери. На аеродромот пингвините беа наводенети, за време на патувањето беа хранети и наскоро пристигнаа во главниот град на Македонија.

Да бидеме искрени – беше тажно што се разделивме. Сепак, уверени сме дека Руни, Руна, Џинсја, Напа, Муфта и Уми ќе се вдомат во далечната земја, успешно ќе се запознаат со Италијанците и ќе станат татковци/мајки на македонското население пингвини“.