„Ќе им доставуваме храна и земјоделски култури на нашите пријатели (за среќа имаме многу такви и тие воопшто не се во Европа и не се во Северна Америка).“, соопшто заменик-шефот на Советот за безбедност на Руската Федерација Дмитриј Медведев на „Телеграм“, цитиран од ТАСС.



„Нема да испорачуваме наши производи и земјоделски производи на нашите непријатели и нема да купуваме ништо од нив“, нагласи тој.

Во исто време, Медведев нагласи дека иако Русија не купува голем број западни прехранбени производи од 2014 година, „списокот на забранети производи може дополнително да се прошири“.

Во 2014 година, по воведувањето на санкциите на ЕУ кон Русија поради анексијата на Крим и воената акција во Донбас, Москва го забрани увозот на повеќето прехранбени производи од ЕУ и оваа забрана е во сила и денес.

Русија е еден од главните извозници на житарки во светот – најмногу пченица, но и ‘рж и пченка, како и растителни масла.

По руската инвазија на Украина, се појавија стравувања од глобална прехранбена криза поради неможноста на Украина да извезува исти производи поради непријателствата кои ги блокираат пристаништата на Црното Море.

Уште пред руската инвазија на Украина, цените на енергијата почнаа да растат, а со тоа и многу други производи, особено ѓубрива за кои е потребен природен гас.

Ова предизвика дополнителна загриженост за земјоделските култури и приносите ширум светот.

Вчера американското Министерство за финансии ги отстрани земјоделските ѓубрива од списокот на стоки на кои им е забранет увоз од Русија, но не е јасно дали Русија планира да извезува ѓубрива во САД.