Русија нема да им врати на Македонија, Бугарија и Црна Гора за Лавров, но „ништо не поминува незабележано“

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, даде на знаење дека нејзината земја нема да преземе реципрочни мерки за забраната за прелет на авионот на нејзиниот шеф Сергеј Лавров од Македонија, Бугарија и Црна Гора.



„Русија нема да преземе никакви реципрочни чекори кон земјите што ја спречија посетата на Сергеј Лавров на Србија“, рече Захарова на брифинг со новинарите.

„Русија никогаш нема да направи ништо што дополнително би ги искомплицирало односите меѓу народите, бидејќи тоа го прават западните партнери, а ние токму поради тоа ги критикуваме, бидејќи сето тоа води кон уништување и удар на сè – од меѓународното право до интересите на луѓето“, додаде таа.

„Но, она што можам да го кажам е… дека ништо на земјата не поминува незабележано“, заклучи Захарова.

На 5 јуни Македонија, Бугарија и Црна Гора го затворија својот воздушен простор за авионот на шефот на руската дипломатија поради што беше откажана неговата посета на Белград планирана за 6 и 7 јуни.