Со одлука на Владата во Москва, Босна и Херцеговина се најде на листата од 20 држави чии државјани можат да влезат во Русија без виза со директни летови.



Како што е наведено на официјалната вебстраница на Амбасадата на Руската Федерација во БиХ, босанските државјани можат да влезат во Русија по воздушен пат (со директни летови), како и од сите земји со кои Русија ги обнови директните летови, без визи, под услов вкупниот престој да не надминува 30 дена во рамките на секои 60 дена, сметајќи од датумот на првиот влез.

При влегувањето во Русија мора да се покаже негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа, а тоа се однесува и на вакцинираните.

Босна и Херцеговина не воведе санкции кон Русија бидејќи Претседателството не постигна согласност за тоа поради противењето на неговиот член Милорад Додик од Република Српска. Според него, БиХ мора да остане неутрална по ова прашање, но истовремено го почитува територијалниот интегритет на сите членки на Обединетите нации, „па така и на Украина“.

Иако не воведе санкции, БиХ беше меѓу 93. членки на Обединетите нации што гласаа за исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН (УНХЦР).