Русија изрази сомнеж дали Шведска има „нешто да крие“ во врска со експлозиите што ги оштетија гасоводите „Северен тек“ минатата година и одново го критикуваше Стокхолм зошто не сподели информации во тековната истрага за експлозиите.
Шведските и данските власти истражуваат четири дупки во цевководите Северен тек 1 и 2 кои ги поврзуваат Русија и Германија преку Балтичкото Море, пишува Ројтерс.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија има право да ги знае деталите од истрагата и дека е збунета од одбивањето на Шведска да соработува со руските обвинители.
Имено, Москва му предложи на Стокхолм да започне заедничка истрага за експлозиите, но Шведска и Данска го одбија тој предлог.
Захарова сугерираше дека зад таа одлука има скриени причини.
„Можеби, по спроведувањето на истрагата, руските истражители би можеле да дојдат до незгоден заклучок за тоа кој ја извршил саботажата. За тоа кој ја смислил и ја извршил. Шведска крие што точно открила во текот на истрагата“, рече портпаролката на Руското Министерство за надворешни работи.







