Русија ќе удри на Киев ако Украина продолжи со напади на руска почва, се закани Москва

Москва му се закани на Киев дека ќе удри врз главниот град на Украина ако таа продолжи со обидите за саботажа или за конвенционални напади врз цели на руска територија, порача Министерството за одбрана на Русија.



„Видовме обиди за саботажа и напади на украинската војска врз објекти на руска територија. Ако продолжат таквите обиди, вооружените сили на Руската Федерација ќе удрат врз центрите за одлучување, вклучително и Киев – нешто од што досега се воздржувавме“, објасни портпаролот, генерал-мајор Игор Конашенков.

Иако тој не прецизираше за кои напади или обиди за саботажа се мисли, во понеделникот Русија прогласи зголемена тревога за тероризам во три региони кои граничат со Украина – Брјанск, Курск и Белгород – и неколку погранични општини во регионите Краснодар, Воронеж и Крим.

Противвоздушната одбрана во регионот на Белгород е многу активна во текот на изминатата недела, јавуваат локалните медиуми. Киев прво тврдеше, а потоа негираше напад на два хеликоптера на 1 април врз складиште за гориво јужно од градот Белгород, што не резултираше со повредени или смртни случаи, но предизвика голема материјална штета.

Руските власти го истражуваат и ракетниот напад на 29 март со најмалку три ракети „Точка-У“ истрелани од Украина врз воена единица во близина на Белгород. Меѓународно забранетата касетна муниција повреди осум руски државјани и оштети 21 возило, како и некои згради.

Во меѓувреме, шефот на украинското воено разузнавање укажа на зголемената тревога за тероризам како доказ дека Русија планира лажни напади врз сопствените граѓани за да ја зајакне наводната поддршка за воените операции во Украина.

„Тие планираат експлозии во руски домови или ракетни напади, за да ја обвинат украинската војска или баталјони, за да направат емотивна слика за ‘украинските националистички злосторства’“, изјави генерал-мајор Кирил Буданов, шеф на Управата за разузнавање на украинското Министерство за одбрана.