Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко го предупреди македонскиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов, за негативните последици во меѓусебните односи ако Скопје им се придружи на санкциите против Русија.
„Тие разговараа за состојбата на руско-северномакедонските односи, за можностите за нивниот понатамошен развој, како и за некои прашања од општобалканска проблематика. Од руска страна е изложена принципиелната оценка за процесот на вовлекување на одделни балкански земји во НАТО. Потцртана е и неизбежноста од негативни последици врз билатералната соработка во случај Северна Македонија да им се приклучи на антируските санкции“, соопшти Министерство за надворешни работи на Руска Федерација.
Средбата меѓу Грушко и Карајанов се одржа поради завршувањето на дипломатската мисија на амбасадорот на Македонија во Русија.
Македонија е една од неколкуте земји во Европа што не ги поддржуваат санкциите против Русија.





