Русија ја национализираше големата фабрика што му припаѓаше на „Рено“ и најави дека ќе го обнови производството на познатиот автомобил „москвич“ од советската ера.
Потегот е првиот поголем трансфер на приватни средства во државни раце, откако руските официјални лица се заканија дека ќе ги национализираат западните бизниси кои ја напуштаат земјата поради инвазијата на Москва во Украина.
„Решив да ја заведам фабриката како градски имот и да го продолжам производството под историскиот бренд „москвич“, објави градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин, пренесуваат руски медиуми
„Ќе отвориме нова страница во историјата на ‘москвич’ во 2022 година“, додаде тој, ветувајќи дека ќе ги задржи „поголемиот дел“ од персоналот и подизведувачите во фабриката на Рено.
Автомобилите „Москвич“ беа своевидна икона на улиците на Советскиот Сојуз се до 2006 година, по банкротот на фирмата – 75 години откако го претстави својот прв модел и пет години откако го произведе своето последно возило.
Во соопштението пренесено од Ројтерс, „Рено“ ја опиша продажбата на својот мнозински удел во Avtovaz на NAMI и 100% акции во Renault Russia на градот Москва како „одговорен избор“.
„Денес, донесовме тешка, но неопходна одлука и правиме одговорен избор кон нашите 45.000 вработени во Русија“, рече извршниот директор Лука де Мео.







