Русија повеќе нема да учествува во работата на Советот на Европа бидејќи смета дека оваа институција станува „платформа на западниот нарцизам“ и субверзивни активности кон Москва, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
„Москва нема да учествува во претворањето на Советот на Европа во платформа за западниот нарцизам на НАТО и ЕУ. Уживајте меѓусебно, но без Русија“, се вели во соопштението на Министерството.
Во соопштението се вели дека државите на ЕУ и НАТО кои се непријателски настроени кон Русија, „злоупотребувајќи го апсолутното мнозинство во Комитетот на министри на Советот на Европа (CMCE), продолжуваат да го уништуваат Советот на Европа и заедничкиот хуманитарен и правен простор во Европа“, пренесува РИА Новости.
„Русија нема намера да ги толерира овие субверзивни дејствија на Западот во согласност со наметнувањето „поредок заснован на правила“ што всушност е кршење на меѓународното право од страна на Соединетите Држави и нивните сателити“, се додава во соопштението.






