Искрен Иванов, професор по политологија на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ ги обвини Русија и Србија дека се обидуваат со провокации да ја притиснат Бугарија за да не прави компромис за членството на Македонија во Европската унија.
„Србија си го оживува великодржавниот комплекс. Српските дипломати треба да дадат објаснување за своите провокации, нарекувајќи ги Бугарите фашисти. Има две причини за таквите изјави и за политиката на Србија во однос на Бугарија. Прво, тоа е емотивното оживување на идејата за Голема Србија, која се наоѓа под заштита на мајка Русија, која секогаш ќе ѝ помага. Од друга страна, тоа е резултат од традиционалната антибугарска политика на Србија, која се засили по продлабочувањето на односите меѓу Бугарија и САД и меѓу нашата земја и одделни земји од ЕУ“, објаснува Иванов за бугарското Радио „Фокус“.
Според него, кај Србија постои и завист.
„Има кругови во елитата на нашиот сосед кои сакаат Србија да влезе во ЕУ, а нивната земја е на крстопат и не може да процени дали да се оттргне од своето проруско минато или да остане во евроазиската сфера на влијание. Покрај тоа, се очекува новиот американски претседател Џозеф Бајден да има јасна стратегија за Балканот, а нашата земја има уникатна можност да ја преземе улогата на балансер во регионот, зошто останатите актери се доста колебливи во својата позиција во моментов, со исклучок на Грција, која традиционално е евроатлантски настроена“, оценува политологот.






