Точно шест години откако беше отворен, денеска е затворен почесниот конзулат на Руската Федерација во Битола, кој се наоѓаше во центарот на градот.
Дипломатското претставништво беше свечено отворено на 31 август 2016 година, а денеска неговите простории беа целосно испразнети, мебелот и инвентарот иселени.
Од руската Амбасада во Скопје за „Независен“ објасниле дека „конзулатот во Битола се затвора поради санкциите на Македонија кон Русија“.
По затворањето на конзулатот денеска беа испразнети и просториите на почесниот конзул Сергеј Самсоненко, додава весникот „Нова Македонија“.
Затворањето на почесниот конзулат во Битола следува по одлуката на Владата на Димитар Ковачевски од 17 мај годинава за престанок на важноста на Одлуката за давање согласност за именување почесен конзул на Руската Федерација во Република Македонија, со седиште во Битола.
На отворањето на конзулатот пред шест години беше истакнато дека целта е развој на економската соработка меѓу руските и македонските компании и презентација на руските културни и традиционални вредности во Република Македонија.
Почесниот конзулат во Битола се наоѓаше во зградата на рускиот конзулат отворен во 1861 година на улицата „Широк сокак“, прогласена за споменик на културата.






