Русија испрати формална дипломатска нота до САД оваа недела, во која предупреди дека натамошното вооружување на Украина од Вашингтон и од сојузниците може да доведе до „непредвидливи последици“, тврди „Вашингтон пост“ во напис објавен во петокот.



Весникот наведува дека видел копија од документот, кој бил испратен кога американскиот претседател Џо Бајден одобри пакет воена помош од 800 милиони долари, што претставува големо проширување на опсегот на оружјето што му се доставува на Киев.

Со оглед на тоа што вкупниот износ на американската воена помош за Украина од 24 февруари достигна над 2,5 милијарди долари, нотата, наводно, била испратена до Стејт департментот од Руската амбасада во Вашингтон во вторникот на 12 април и била насловена „За загриженоста на Русија во контекст на огромното снабдување со оружје и воена опрема за режимот во Киев“.

„Вашингтон пост“ тврди дека во писмото Русија ги смета за „најчувствителни“ системите за повеќекратно лансирање ракети и ги обвини САД и нивните сојузници во НАТО за кршење на „ригорозните принципи“ кои го регулираат трансферот на оружје во зоните на конфликт и дека не ја согледуваат „заканата дека оружјето со висока прецизност ќе падне во рацете на радикалните националисти, екстремистите и бандитските сили во Украина“.

Во писмото, наводно, се обвинува НАТО дека врши притисок врз Украина да ги напушти преговорите со Русија „за да продолжи крвопролевањето“ и го обвинува Вашингтон дека ги принудува другите земји да ја прекинат воената и техничката соработка со Русија и ги охрабрува нациите да ѝ достават на Украина оружје од советската ера.

„Ги повикуваме Соединетите Држави и нивните сојузници да престанат со неодговорната милитаризација на Украина, што подразбира непредвидливи последици за регионалната и меѓународната безбедност“, се вели во нотата, според „Вашингтон пост“.