Откако утрово рускиот претседател Владимир Путин и се обрати на нацијата и објави дека е наредена делумна мобилизација, меѓу руските граѓани настана паника.
Руската влада наскоро ќе објави кои категории граѓани ќе бидат изземени од мобилизација на резервисти со воено искуство, соопшти денеска Кремљ. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не сакаше да ја коментира можноста за затворање на границите за да ги спречи граѓаните да го избегнат повикот за мобилизација, пренесува Ројтерс.
„Одлуката за делумна мобилизација е донесена затоа што Русија во Украина се соочува со воениот потенцијал на НАТО и другите непријателски земји“, изјави на брифингот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Голем број Руси побрзаа да купат билети во еден правец за да ја напуштат земја додека можат откако претседателот Владимир Путин најави делумна мобилизација на резервисти поради војната во Украина.
Места за авионските летови кои заминуваат од Русија речиси и да нема, а цените на преостанатите се вивнаа до небо, откако голем број граѓани, поттикнати од стравот дека државните граници наскоро би можеле да се затворат, побрзаа да ја напуштат земјата.
Билетите за летот од Москва до Белград со кој оперира „Ер Србија“ се продадени за следните неколку дена. Цената за летовите од Москва кон Истанбул или Дубаи се зголемуваат секоја минута и достигнаа цена од 9.200 евра во еден правец со економска класа, објави Дојче веле.







