Османи го демантира Меџити дека „ќе бил кандидат на албанската опозиција за претседател на РМ“: Нема да разговарам со ниедна партија за тоа

„Познатиот активист и универзитетски професор Руфи Османи преку соопштение ги демантираше информациите за негова наводна кандидатура за претседателската функција на државата на мајските избори, нагласувајќи дека нема стремежи да конкурира за позицијата претседател на земјата.“ објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.



ИНА го пренесува соопштението на Османи, кој истакнува: „Во врска со последните информации за мојата наводна кандидатура за претседател на државата, ги демантирам овие информации како целосно неосновани. Не сум разговарал и нема да имам никакви разговори со ниедна политичка партија, ниту од позицијата, ниту од опозицијата. Препорачувам сите политички партии да го почитуваат етичкиот кодекс на секој поединец пред да ги објават јавно своите ставови. Посакувајќи цивилизирана демократска расправа и конкурирање во албанскиот политички табор, барам мојот човечки идентитет да не се споменува во никаква конотација во функција на мајските политички избори.

Инаку, како што извести вчера ТВ 21, лидерот на Демократското движење Изет Меџити изјави, во името на здружената албанска опозиција, дека „Руфи Османи е можен кандидат на албанската опозиција за функцијата претседател на државата“. Откако беше запрашан дали албанската опозиција ќе се натпреварува на претседателските избори со Руфи Османи како свој кандидат, вчера Меџити одговори: „Не ја исклучувам таа можност. Имало разговори за тоа. Тој ќе биде сеопфатен кандидат, кој на достоинствен начин ќе ги претставува Албанците во Македонија како кандидат за претседател.“