За време на владеењето на премиерот Ковачевски, нов е само експресниот пат Крупиште-Кочани, а на останатите километри патишта е извршена реконструкција.



На листата на Владата за изградени нови 1.300 километри патишта се поставени незавршени и неставени во употреба патишта, како и локални улици, пишува Радио слободна Европа.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека се изградени 1.300 километри патишта во последниве 5 години, откако СДСМ е на власт.

„Градиме квалитетна инфраструктура која на долг рок ќе придонесе кон нашиот економски развој и ќе овозможи подобар живот за сите“, порача премиерот Ковачевски при објавата на видеото на социјалните мрежи.

Во видеото од триесетина секунди објавено на социјалните мрежи, премиерот се пофали и со автопатот Кичево – Охрид долг 57 километри, кој го почнаа претходните власти, но се уште не е завршен.

Автопатот треба да биде готов во 2024, десет години откако беше почната неговата изградба. Поради низа нерегуларности изградбата на автопатот излезе поскапа од планираното, па неколкупати беа прегазени роковите што самите власти си ги задаваа.

„Само во имагинарниот свет на Ковачевски и СДС постојат изградени 1.300 километри нови патишта, додека реалноста е сосема поинаква. СДС и Ковачевски мислат дека граѓаните не возат низ Македонија и не знаат какви и по кои патишта се вози, па затоа свесно лажат со измислени изградени патишта“, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.