Секој нов градоначалник, директор на училиште или министер прво што менува откако ќе седне на функционерскиот стол е фирмата за обезбедување и фирмата за чистење. Во овие два бизниси лежат најмалку десетици милиони евра годишно од јавни набавки покажуваат податоците од владината дата база на податоци „Отворени финансии“, а пренесува Радио Слободна Европа.
Според податоците од комората на приватни фирми за обезбедување, на терен работат најмалку 50 фирми кои се грижат за безбедноста на имотот, луѓето и физичкиот транспорт на пари. Но, на тендерите за јавни набавки кои ги доделуваат владата и поголемите институции за обезбедување од вкупно 50 фирми најчесто учествуваат исти три до пет фирми.
Една од нив во минатото беше поврзувана со осудениот поранешен директор на УБК Сашо Мијаков, за дел, пак, во јавноста се шпекулира дека имаат врски со сегашната власт. Во игра за големите милионски тендери за обезбедување на клучните државни институции со години наназад се СГС, Никоб обезбедување, Перпетуумобиле секјутири и кичевската 2 СС.
Само тендерот на ЕВН Македонија за обезбедување на ЕВН Електродистрибуција Дооел Скопје, Друштво за дистрибуција на електрична енергија и ЕВН Македонија АД, Скопје за две години изнесува околу 11 милиони евра.
До 2017 година кога на власт беше коалицијата ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ овој тендер го добиваше СГС. По смена на власта и истекот на претходниот договор од 2019 година услугите за обезбедување ги извршува НИКОБ. Податоците од владината дата база – Отворени финансии покажуваат дека во период 2019 до 2022 година за вкупно 7 договори за услуги за обезбедување на Никоб му исплатиле речиси 30 милиони евра.
Претходно СГС од ЕВН наплатила 11,8 милиони евра за тригодишен договор, додека во набавката во јули 2017, на само еден месец пред изборот на нова Влада по предвремените парламентарни избори, за шест месечен договор СГС наплатила од ЕВН Македонија 3,8 милиони евра. СГС била единствена од 50- те фирми што тогаш се пријавила на меѓународниот оглас.
На пример на последниот тендер за двогодишен договор кој го потпиша владината служба за општи и заеднички работи вреден 3,2 милиони евра се јавила само НИКОБ. Во тендерската документација е наведено дека нејзина задача е да обезбедува 40-тина подрачни објекти на министерствата низ градовите на Македонија со по околу 4 чувари.
Целиот текст на следниот линк:
https://www.slobodnaevropa.mk/a/%D1%81%D0%B5%D0%BA%D0%BE%D1%98%D0%B0-%D0%B2%D0%BB%D0%B0%D1%81%D1%82-%D1%81%D0%BE-%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%B0-%D1%81%D0%BB%D1%83%D0%B6%D0%B1%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D0%BE%D0%B1%D0%B5%D0%B7%D0%B1%D0%B5%D0%B4%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%B1%D0%B8%D0%B7%D0%BD%D0%B8%D1%81-%D1%82%D0%B5%D0%B6%D0%BE%D0%BA-%D0%B4%D0%B5%D1%81%D0%B5%D1%82%D0%B8%D1%86%D0%B8-%D0%BC%D0%B8%D0%BB%D0%B8%D0%BE%D0%BD%D0%B8-%D0%B5%D0%B2%D1%80%D0%B0/32019264.html





