РСЕ набројува што се ќе добијат Бугарите со уставните промени


Графика со Устав и број на бугарски државјани во Северна Македонија
Графика со Устав и број на бугарски државјани во Македонија

Со внесувањето во Преамбулата, бугарската заедница во Македонија ќе добие редакција во МРТ, основно образование на мајчин јазик и претставник во Комитетот на односи меѓу заедниците во Собранието. Ќе се олесни и пристапот до државно вработување, но и до пари од државниот буџет.



Во Македонија живеат вкупно 3.504 лица што се изјасниле како Бугари на пописот што се спроведе во 2021 година. Математички, нивниот број е 0,19 отсто од вкупното население во земјава.

Според Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20%, Бугарите и во моментов и како неспомената заедница во Преамбулата на Уставот имаат права како и сите малцинства во државата. Тоа значи, на пример, дека имаат право да добиваат пари за проекти на нивните организации од државниот буџет, но, можат да аплицираат и за државно вработување.

Со евентуалното донесување на уставните измени и внесување на Бугарите покрај другите малцински заедници во највисокиот правен акт на земјава (Роми, Власи, Турци, Срби, Бошњаци и други), законски ќе добијат и други, поголеми права отколку што ги имаат сега.

Нивните права во Македонија ги штити Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

Што предвидува законот за заедниците?

Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 насто од населението во Македонија ги утврдува остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на малцинските заедници.

Законот се однесува во областите за заштита на правата на заедниците, нивниот идентитет, употребата на јазикот и писмото, образованието, културата, медиумите и вработувањето според начелото на соодветна и правична застапеност. Но, и други области во кои со закон се уредени правата на припадниците на заедниците.

Законските одредби ги штитат Бугарите од каков било облик на директна или индиректна дискриминација врз етничка, јазична, верска, религиозна, расна или која било основа.

Со уставните измени, Бугарите во Македонија би добиле уште повеќе права. Така, би имале право на употреба на својот јазик и писмо, како и право на образование на бугарски јазик и писмо, како и медиуми на бугарски јазик – електронски или печатени.

Програма на јавниот сервис и основно образование

Со евентуалното внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот, повеќе нема да бидат „останати“, туку вбројани покрај другите заедници.

Бугарската заедница во Македонија ќе добие редакција во националниот јавен сервис МРТ по принципот на другите малцинства.

Потоа, ќе имаат основно образование на нивниот мајчин јазик и трето, ќе добијат свој претставник во Комитетот на односи меѓу заедниците во Собранието, каде ќе можат да артикулираат политички прашања и да влијаат за сето она што веќе им следува со Устав и закон за остварување на правата како заедница.

Целиот текст на РСЕ на следниот линк:

https://www.slobodnaevropa.mk/a/shto-kje-dobijat-bugarite-so-ustavnite-promeni-/32582677.html