РСЕ: Долгорочен крај на ерата на проширување на НАТО и на ЕУ

Рикард Јозвијак, дописник на Радио Слободна Европа од Брисел, во својата анализа за проширувањето на НАТО по влезот на Македонија и на Европска унија заклучува дека тоа ќе запре на подолг рок.



„Франција сега е главната надворешнополитичка сила во ЕУ и тоа веќе донесе последици за соседите на државите-членки. Речиси едностраното одбивање на Париз да се отворат преговори за пристапување во ЕУ на Албанија и на Северна Македонија добро е документирано, но директните последици на ова одбивање ќе бидат јасни на 5 февруари, кога Европската комисија ќе ја објави својата идеја на ревидирана методологија за проширување на ЕУ. Париз се заложи за тоа, што ќе оди на штета на оние држави од Западен Балкан што се надеваат за придружување на блокот. Иако содржината на предлогот на јавноста сè уште не ѝ е познат, веќе знаеме две работи: Европската комисија ќе направи што е можно повеќе за да ја задоволи Франција и патот за членство за земјите-кандидати за членство од југоисточна Европа ќе биде многу посложен и подолготраен. За земјите од Источното партнерство, како Грузија, Украина и Молдавија, е уште полошо“, констатира авторот на коментарот насловен „Долгорочен крај на ерата на проширување на НАТО и на ЕУ“.

„Работите се чинат малку посреќни во НАТО-сојузот. Трајат кавгите за однесувањето на Турција, но тоа нема да резултира со исфрлање на Анкара. Покрај тоа, во средината на февруари знамето на Северна Македонија гордо ќе се виори пред штабот на НАТО, заедно со 29 други сојузници. Но, тоа е тоа. За долго. Официјалните лица на НАТО би можеле отворено да ги пофалат Босна и Херцеговина, Грузија и Украина, но приватно ги отфрлаат шансите која било од овие три држави наскоро да му се придружи на сојузот. Така во 2020 година НАТО ќе остане клуб од 30 членки, како што сега во ЕУ ќе бидат 27 (по излегувањето на Велика Британија). И двата со превисока цена за потенцијалните нови членки“, заклучува Јозвијак.