„РСЕ“: Додека власта „купува“ време – незадоволството експлодира на улица

Владата како да нема чувство какви проблеми ни прават ниските плати во ваква скапотија, велат административни службеници во судството, обвинителството, здравството, објави РСЕ. По повеќе месеци протести, многу од нив се уште земаат „минималец“. Траат и пензионерските протести за повисоки пензии. Во регионалните организации на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани се прават последните подготовки за протестот в петок, на три локации во Скопје: пред Собранието, пред Владата и пред Министерството за правда.



Тоа е денот кога пратениците би требало да расправаат за предлог-буџетот за 2024 година. Во канцелариите во Тетово, Гостивар, Штип, Куманово – се мобилизира членството, се пишуваат транспарентите со пораки до власта.

„Достоинствени плати се единствено што бараме. На минималец сме, платата ни за храна не стигнува, никој не нѐ слуша“, вели Александра Н, вработена во суд во внатрешноста.

Пет протести во моментов ѝ тропаат на врата на власта– здравствени работници, администрација во судовите и обвинителствата, вработените во Фондот за здравствено осигурување и вработените во Канцеларијата на Народниот правобранител заедно ќе излезат на улица. Пензионерите протестираат уште од летово. Сите бараат повисоки плати и пензии. Додека револтот експлодира на улица, Владата повеќе пати најави, но не ги намали платите на над 1.200 функционери зголемени за 78 отсто, со одлука на Уставниот суд од март годинава – што е дополнителен мотив јавниот сектор да се бори за повисоки примања.

Премиерот Димитар Ковачевски пред еден месец повторно кажа дека се бара начин како тоа да се направи. Последната негова изјава беше дека за недела – две ќе има работно законско решение. Помина еден месец, решението не е готово, а функционерите веќе осми месец земаат повисоки плати за 78 отсто.