Рускиот весник „Росијскаја газета“ во напис за аферата „Рекет“ во Македонија се повикува на експерти според кои премиерот Зоран Заев е дискредитиран за на таа функција да дојде Албанец.
„Експертите сметаат дека дискредитирањето на актуелниот премиер и неговото отстранување од власт, исто така, може да биде дел од долгорочен план да се донесе албански политичар на таа функција. Ова би било логично продолжение на концептот на Западот за создавање ‘Голема Албанија’, која ќе ги обедини териториите на Албанија, Косово, Западна Македонија (Република Илирида), југоисточна Црна Гора (Малесија), северозападна Грција (Чамерија)“, заклучува весникот, претходно цитирајќи го поранешниот премиер Никола Груевски.
„Во врска со ова, треба да се напомене дека поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, сега принуден да избега од политичкиот прогон во Унгарија, претходно предупредуваше дека планот на Зоран Заев и на неговите ‘вистински сценаристи’ е во крајна линија да го сменат уставното име Македонија и нејзиното последователно уништување. ‘Она што се бара од нас е промена на името на државата под грчки услови, приближување до бинационална држава и на крајот федерализација. Тоа е последниот чекор пред распадот на земјата. Тоа е многу опасна авантура’, потенцираше Груевски, обраќајќи им се не само на македонските граѓани, туку и на меѓународната заедница“, пишува „Росијскаја газета“.






