Романија ќе поведе постапка против Австрија пред Европскиот суд на правдата и ќе бара компензација доколку австриската влада продолжи да инсистира да стави вето на приемот на Романија во Шенген зоната.
Ова го соопшти самиот романски премиер Марсел Чолаку во интервју за „Дер Стандард“, цитирано од романските медиуми.
Австрија го отфрли повикот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да го укине ветото против Бугарија и Романија да се приклучат на Шенген зоната.
Во своето обраќање за „состојбата на Унијата“ во средата, фон дер Лајен ја прозва Австрија за блокирање на пристапувањето во Шенген на Бугарија и Романија, повикувајќи ја земјата „конечно да ги пушти да влезат – без дополнително одлагање“.
Меѓутоа, Австрија брзо го отфрли барањето, јави Euroaktiv .
Но романскиот премиер тврди дека штетата што ѝ ја трпи неговата земја од австриската блокада изнесувала најмалку 2 отсто од нејзиниот БДП, односно неколку милијарди евра.
„Не е можно да се бара безбедност на европско ниво и во исто време да се отфрли основното право на Романија како што е приклучувањето во Шенген зоната“, рече Чолаку.
Тој ја дефинира како лажна изјавата на австрискиот канцелар Карл Нехамер дека има многу активна миграција низ Романија.
„Заедно со Србија воведовме заедничка контрола за да ја поместиме оваа тема од центарот на дискусиите. Но, во случај канцеларот Нехамер неоправдано повторно да го искористи правото на вето, јас како премиер ќе мора да ја обжалам одлуката на Австрија до Европскиот суд да бара компензација за загубите предизвикани од непристапувањето“, категоричен е Чолаку.
Според него, најлошото е што Австрија направила преседан. „Вообичаено земјите членки ги следат препораките на институциите на ЕУ. Хрватска аплицираше за членство пред четири или пет години. Романија и Бугарија можеа да го блокираат пристапувањето, но ние не го направивме“, истакна Чолаку.
Запрашан од весникот за стратегијата што ќе ја користи, романскиот премиер коментира:
„Шпанија, како претседател на Советот на ЕУ, го поддржува пристапувањето на Романија во Шенген зоната и се грижи оваа тема повторно да биде на дневен ред – во октомври или на 4 или 5 декември во рамките на Советот на министри за внатрешни работи. на ЕУ.
Сите други земји – со исклучок на Австрија – го поддржуваат пристапувањето на Романија“.






