Шефот на руската вселенска агенција Дмитриј Рогозин ѝ се закани на Бугарија со интерконтиненталната ракета „Сармат“, пренесе БГНЕС.
Причина за неговата објава на Твитер беше одбивањето на бугарската страна да дозволи прелет на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за Србија, поради што посетата беше откажана.
Рогозин напиша дека Сармат нема да бара дозвола.
„Што го прави Сармат добар? Нема да бара дозвола за прелет од плашливците Бугари, злобните Романци и Црногорците кои ја предадоа нашата заедничка историја. И од некои Швеѓани таму“, се вели во твитот на Рогозин, пренесува БГНЕС.
Под неговата порака, некои од поприсебните корисници го предупредуваат да го смири тонот и да одговори на прашањето зошто руската дипломатија ја загуби Бугарија.
Рогозинсо години е познат по бројните контроверзни изјави. За време и по Втората чеченска војна, Рогозин имаше долг конфликт со генералниот секретар на НАТО, Лорд Џорџ Робертсон.
Набргу по анексијата на Крим, кога му беше откажан летот за Придњестровје, тој рече дека следниот пат ќе лета таму со суперсоничниот стратешки бомбардер Ту-160, потсетува БГНЕС.






