Робели: Празна е реториката за обединување на Косово и Албанија – влијателни луѓе во Тирана искажаа резерви за ова

„Празна е реториката за обединувањето на Косово и Албанија. Политичарите го користат обединувањето како тема, за да го забавуваат народот, а во Брисел и во Вашингтон кажуваат нешто сосема подруго. Дали е тешко да се сфати оваа пародија? Обединувањето ќе значи и нарушување на верската рамнотежа, односно доминација на муслиманите.“ – истакнува Енвер Робели, албански новинар, уредник на швајцарскиот дневник „Тагес ајнцагер“ и регионален аналитичар на случувањата на Балканот, во својата колумна со наслов „За празната реторика на обединувањето“, која ја објавија весникот „Лајм“ и други медиуми на албански јазик.



Робели пишува: „Кога за една деценија повеќе од 500 илјади луѓе бегаат од Албанија и Косово политичарите бараат ‘спас’ во реториката на обединувањето. Поинаку зборуваат пред Албанците, поинаку во Брисел и поинаку во Вашингтон. На големата сцена на светската политика го потпишуваат секој договор за неменување на границите, а на малата локална сцена изговараат големи зборови. Дали е тешко да се разбере оваа пародија? Не е толку тешко.“

„Околу обединувањето на Албанците треба да се има предвид и ова: и Косово и Албанија го имаат гарантирано ненарушувањето на границите преку сите меѓународни договори. Кажано е дека Косово се прогласува како држава според слободната волја на мнозинството на неговите граѓани. Не е кажано дека ова е само измама на меѓународната заедница колку да го направи Косово независно и за да го припои кон Албанија. Желбата за обединување доаѓа многу повеќе од фрустрацијата на пооделните земји како последица на криминалот и корупцијата отколку од јасната претстава што значи тоа обединување: колку е можно, што предизвикува тоа во албанскиот простор посебно во политичка смисла? Потоа: може ли да се замисли обединувањето на Косово со Албанија со овие граници кои ги има Косово? Поинаква работа е желбата.“

„Обединувањето на еден народ на Балканот буди апетити и кај другите без оглед што можат да мислат Албанците. Германија и Австрија живеат блиску една до друга без проблеми. Зошто би било ова толку тешко меѓу Косово и Албанија? Воопшто не е тешко. Косово се (зло)употребува заради популистички паради во Албанија, а тука ‘заслуги’ има и владејачката партија на Косово. Празна е реториката на политичарите на темата обединување. Ќе имаме заеднички претседател, кажа премиерот на Албанија. Во 2018 година ова го рече. Кого прашал тој за ова? Ова не е шега. Или е, бидејќи, од една страна, се вика ‘обединување, обединување’, а од друга страна Тирана има ставено потпис на секој меѓународен договор за неменување на границите (ОБСЕ, НАТО, во процесот на европските интеграции). И Косово го има сторено ова.“

„Зад кулисите ова е мислење на некои влијателни луѓе во Тирана, кои не зборуваат толку јавно, но на тамошните раководители им ги ставиле до знаење јасно своите резерви кон ‘обединувачката’ реторика. Следните забелешки се парафразирачки цитати:
1. Обединувањето значи нарушување на верската рамнотежа, односно доминација на муслиманите.
2. Обединувањето значи нарушување на градската рамнотежа. Еден голем дел на Албанците живеат во градски центри како што се Тирана, Драч и Валона. Обединувањето со речиси два милиона Косовци ја нарушува оваа рамка и тогаш ќе доминира селскиот елемент.
3. Целосно различни државни, државотворни, државоградителски, бирократски, институционални традиции. Ова не е вина на Албанците, туку е резултат на драматичните геостратегиски случувања во 20-тиот век.
4. Нарушување на сегашната политичка и општествена кохезија на Република Албанија.“

„Индикативно беше тоа што пред неколку дена американскиот емисар за Балканот Габриел Ескобар во неговата кавга со премиерот на Албанија рече дека ‘Отворениот Балкан’ не може да функционира без сите шест земји на Балканот и, исто така, оти не може да функционира без да биде меѓународна границата на Косово со Србија, значи како прифатена од Белград. Ескобар ја стави нагласката овде – на границата. Бидејќи Американците сфатиле дека српските политичари имаат само една цел: да го турнат Косово кон поделба, па потоа да уследи обединување со Албанија, на таков начин што ова ќе се употреби како аргумент за обединување на ‘Република Српска’ од Босна со Србија, а можеби и за проширување на српските апетити и кон Црна Гора.“

„Веќе 25 години се зборува за заеднички буквар. За ова се зборуваше и во Елбасан на најновата средба на владите на Албанија и Косово. Зошто тоа не е направено до денес? Ние сме едно – но ова и свои негативни страни. На пример, реториката без содржина и сојузот со олигарсите, како што видовме во Елбасан, додека премиерот на Косово се вртеше и се туркаше како мечка низ пазар, а тамошниот олигарх и премиер дофрлуваа шеги.“

„Наместо реторика за обединување подобро е да се зборува за суштински прашања: зошто во двете земји слободата има значење само за една тенка ‘елита’, која си ги дели и ги пљачка ресурсите, додека останатите страдаат поради нерамноправноста? Поделбата веќе се случи: нашите ‘елити’ живеат одвоени од граѓаните, живеат во ‘засебни села’ покрај метрополите, далеку од ‘лумпенпролетаријатот’, кој го гледа овој свет на богатите само кога оди по пица, по свежа риба, или да изврши поправка на струја или некоја канализација. Бидејќи никој не се занимава со оваа огромна општествена поделба, политичарите си ја најдоа својата тема за да го забавуваат народот: овде велат обединување, а во Брисел и во Вашингтон кажуваат нешто сосема подруго. Дали е тешко да се сфати оваа пародија?“ – заклучува Робели во својата колумна.