„Ставот на познавачите на состојбите во надворешната политика е дека и со уставни и без уставни промени, Македонија ќе тапка во место со евроинтеграциите, така што најдобро ќе биде да се води од сопствените национални интереси и волјата на граѓаните, наместо да потпаѓа под странските притисоци и условувања, кои во никој случај нема да прекинат и да завршат само со уставните измени. Ништо драматично нема да се промени и ако не бидат изгласани уставните измени. Клучно е Македонија да покаже карактер и, наместо да прифаќа сè што ѝ сервира меѓународната заедница, да се осмели и да го одбие она, што е спротивно на нејзините интереси и на волјата на народот.’ – нагласуваат соговорниците.“ – се вели во анализата со наслов „Авансот чини поскапо од членарината?!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Досегашните отстапки за членство во ЕУ се повеќе од доволни за изразување на добрата волја на Македонија
Само што почна годината меѓународната заедница почна повторно да ја врти истата плоча дека измените на Уставот ќе бидат болни, но оти мора да се направат. Македонија и досега направи еден куп болни отстапки, потпишувајќи ги Договорот за соработка и пријателство со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција, но ефектите од тие болни и тешки отстапки за Македонија се запоставливи, дури и уште повеќе ги влошија работите и не нудат никаква перспектива.
– Ако поминат уставните измени, ќе следува барање за вклучување на Бугарите во врамнотежувачот-балансерот, во правична застапеност во институциите. Ќе следуваат барања за бугарски јазик во училиштата, за национално знаме на Бугарите во Македонија и барање за ден на бугарската национална заедница во земјава. Тоа ќе биде првично, а потоа во текот на преговорите ќе следуваат сите барања, што се содржани во нивната стратегија во однос на Македонија – вели Ивица Боцевски, аналитичар.
Некои од соговорниците, со кои се консултиравме, го делат мислењето дека евроинтеграциите ќе бидат долг и бавен процес, во кој Македонија ќе биде принудувана на нови болни отстапки, кои подоцна може да се одразат врз карактерот на државата. – Ако власта и опозицијата некако се договорат за уставните измени, ќе следува отворање некое преговарачко поглавје, но некаков брз колосек во евроинтеграциите нема да има. Бугарија ќе продолжи да испоставува други барања сè додека не ја заокружи својата рамка во однос на Македонија. Таа рамка на сите им е добро позната, бидејќи не е сменета во последните 100 години. ЕУ влезе во целата таа игранка на Софија и отворено се стави на бугарска страна, погазувајќи ги целосно Копенхашките критериуми – велат соговорниците.





