РКМ на Ратко Капушевски и неговиот од неодамна нов бизнис партнер Ерџан Сулкоски го закупиле складот за мазут на Цементарница со габарит од 3.000 метри квадратни, според информацијата која како барање за нова лиценца ја пласираше Регулаторна комисија за енергетика.
„Друштвото побара менување на лиценцата поради зголемување на капацитетот со кој се врши дејноста со уште еден резервоар од 3000 m3 за складирање на Мазут (М-1). Резервоарот се наоѓа на КП бр.3675/1, Имотен лист бр.31867, КО Кисела Вода 1, сопственост на Цементарница УСЈЕ АД Скопје, земен под закуп од страна на Друштвото за производство, трговија и услуги РКМ ДОО Скопје“, гласи известувањето на РКЕ.
За РКМ на Капушевски досега беше познато дека од 2020 поседува склад под закуп во сопственост на оранжеријата Хамзали од Босилово во големина од околу 1.000 м3, но медиуми го оспоруваа договорот како фиктивен.
Инаку, Цементарница го користеше мазутот како средство за палење на печките, но подоцна објави дека ќе премине на природен гас, додека главно гориво е јагленот..
РКМ во меѓувреме го доби тендерот во висина од околу 120 милиони евра на ЕСМ за набавка на 180.000 тони мазут за потребите на ТЕЦ Неготино до крајот на грејната сезона.
Тендерот беше затворен на крајот на ноември 2022, откако претходно имаше повици за набавка на 190.000 тони мазут за ТЕЦ Неготино и нешто повеќе од 20.000 тони за подружниците на ЕСМ.
Од ЕСМ ни рекоа дека договорот е склучен на 180.000 тони, но не прецизираа за цената, освен дека е постигната според важечката што е одредена од регулаторот.
РКМ Дооел, покрај Ратко Капушевски, во август доби уште еден сопственик – Ерџан Сулкоски, бизнисмен од Кичево и сопственик на „Пацифик Петролеум“. Оваа компанија е специјализирана за набавка на течни горива за затоплување, а често била партнер во јавните набавки со „Пуцко Петрол“.
Извор: Фактор.мк






