„Одложувањето на општествените промени е најголемата несреќа на македонскиот народ. Таа индоктринација и ден денес за наводната неопходност од пресметка со предавниците дава катастрофални последици во името на народот. Дали Македонија и по еден век повторно е пред втората голема несреќа, одложувајќи ги големите општествени промени како во почетокот на 20 век, кога не успеа да направи своја држава?“ – вели новинарот Ерол Ризаов во својата колумна со наслов „Како да ја минем таа река Вардар“, која ја објави Дојче веле на македонски јазик.
Иако Ризаов не конкретизира, тој ја „прогнозира“ таа „голема несреќа“ во случај ако не успее операцијата „Бугари во Устав“, што за него претставува „неопходна голема промена“, која требало да ѝ се случи на Македонија.
Покрај другото, во својата колумна Ризаов пишува: Уште траат истите кавги и делби. На сите страни ечат патриотски песни, препеани во ново руво. На човека му доаѓа да земе пушка и да тргне во борба. Се чека и најновата верзија на Абре Македонче. Мал проблем е само деминутивот, но и тој може лесно да се премавне, па да биде како треба – Абре Македончиште… Значи, продолжува „стогодишната“ војна и во 21 век меѓу патриотите и предавниците.
Едните и натаму ќе нѐ бранат, но никако да нѐ одбранат, од домашните и надворешните непријатели, од разни вета и блокади, од асимилации и диктати, да си останеме таму кај што сме свои на своето. Другите ќе нѐ внесат во Европа, час поскоро, ако не оваа среда, другиот петок. За да не бидеме и натаму како по Јован Цвијиќ „дуж реке Брегалнице живи најпростији народ на Балкану, који се облачи гуњевима и назива шоповима.“
Многу мириса на повторување на историјата по сè она, што ни се случува. Така ќе биде сè до денот кога граѓаните ќе осознаат кај води ова безумие и ќе смогнат сила да кажат: „Аман, доста нѐ браневте!“
Одамна тврдам дека Груевски уште е тука, само физички е отсутен. Неговите писанија се голтаат како серија од новооткриена историја. Од поданиците му е доделена и царската титула. Ете тоа се надежите насочени кон овие луѓе, кои одлучуваат за продолжување или блокирање на преговорите со ЕУ и за европската иднина на Македонија. Па сега проценете дали има некакви шанси.




