Ризаов: Македонците ќе си ги зачуваат идентитетот и достоинството кога ќе ги стават Бугарите во Уставот, иако будалите велат да не се брза со тоа!

„Веќе е кристално јасно дека уставни измени ќе нема. Можам да го замислам тој патриотски триумф кога претседателот на Собранието ќе го констатира резултатот од гласањето дека уставните измени не се донесени. Мнозинството од 72 гласа ‘за’ не е доволно Бугарите да влезат со останатите десет етнички заедници, или како што се викаат делови од народи во македонскиот Устав. Но, пак ќе треба Бугарите да влезат во Уставот, и по изборите.“ – тврди новинарот Ерол Ризаов во својата колумна со наслов „Историската вина на ВМРО ДПМНЕ“, која ја пренесе весникот „Слободен печат“.  



Покрај другото, Ризаов пишува: Собраниското неостварено гласање ќе се оствари на парламентарните и претседателските избори, со големи изгледи Македонија да не ги почне преговорите со ЕУ, без разлика кој ќе победи на изборите. Ќе има ли некоја коалиција двотретинско мнозинство да ја заврши работата? Тоа е голема неизвесност. Која е гаранцијата дека и идната опозиција, која и да е, нема да ја продолжи блокадата на преговорите со ЕУ, или ќе го враќа ударот за неусвоените уставни промени?

Партиските пропагандисти и корисните будали и понатаму упорно ни велат дека не треба да брзаме, мораме да го сочуваме идентитетот и достоинството. Па, така ли се брани идентитетот и достоинството? Така што самите ќе си ставаме блокади?