Ризаов ги „кара“ „лажните патриоти“, кои „ја блокираат татковината“, да прифатат „Бугари во Устав“, оти „тоа не е предавство на националните интереси“!

„Македонските политичари се јуначат пред јавноста и секојдневно лажат дека ќе постигнат подобри решенија за продолжување на преговорите со ЕУ. Кукавиците, кои со децении одбиваат многу поповолни услови, сега продаваат храброст дека не прифаќаат понижувачки диктати и со примитивен популизам прикажуваат јунаштво под јорган планина, прашувајќи стопати дневно која е цената на ваквото понижување, а не ја гледаат огромната загуба, што Македонија пред цели две и пол децении не стана членка на ЕУ и на НАТО, поради тој лажен патриотизам.“ – пишува новинарот Ерол Ризаов во својата колумна со наслов „Што ручаа Ковачевски, Заев и Ахмети“, која ја објави Дојче веле на македонски јазик.



Кога кукавиците продаваат храброст

Тврдејќи дека противењето да се внесат Бугарите во Уставот на Македонија е „лажен патриотизам“ и „блокада на сопствената татковина на патот на развојот“, Ризаов, покрај другото, го пишува и следното: Словенија и во нашата поранешна држава Југославија предничела во многу области, но сепак од времето на преговорите со ЕУ и по редовното членство има извонредно брз развој, кој веќе ја изедначува со стара Европа. Македонија никогаш нема да ја стаса Словенија, но може да тргне по тој пат да ги намалува разликите, ако за тоа има цврста политичка определба и вистинска храброст да се донесат одлуки кои се во интерес на сите граѓани.

Човек со здрав разум просто е неможно, а да не се праша: како е можно политичари од парламентарни партии, избрани од граѓаните, кои во своите партиски програмски определби го имаат ставено како стратегиски државен интерес членството во ЕУ, да ја блокираат сопствената таковина на тој пат, заблудувајќи ја јавноста до степен дека направените отстапки се предавство на националните интереси?

Дури ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ги прифатат договорите со соседите и преговарачката рамка усвоена од ЕУ каква што е, без промени, доцнењето и можни непредвидени геополитички престројувања ќе предизвикаат ненадоместлива загуба и испуштање на последниот вагон од последниот воз. Ризикот од таквиот исход не е нереален. Одговорни политичари не можат да играат со интересите на државата како на рулет.

Врвен државен приоритет на овие генерации е да продолжат преговорите со ЕУ до точка од која нема враќање назад. Останатите работи, кои не ни се допаѓаат, ќе ги решаваат идните генерации, чии претставници ќе седат на заедничката маса со своите сојузници ЕУ и НАТО.