Ризаков од ОМО „Илинден“-ПИРИН: Да се биде Македонец не е антибугарски чин

Милан Ризаков од Обединетата македонска организација „Илинден“-ПИРИН на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград ја објасни неговата цел.



Обраќањето на Ризаков во целост:

„Драги гости, сонародници и пријатели, Македонци и пријатели на вистинското и рамноправно пријателство меѓу македонскиот и бугарскиот народ

Денес отвораме македонски културен клуб кој ќе ја чува и развива македонската култура. Кој ќе ја одржи во живот културната врска меѓу Македонците во Бугарија со останатите Македонци низ целиот свет. Клуб кој ќе помогне во Бугарија да ја запознаат македонската култура и преку неа македонскиот народ.

Знаењето е првиот чекор кон разбирањето и вистинското пријателство. Културната размена е она што навистина може да ги зближи народите и да ги претвори нивните разлики во нешто што привлекува, а не што создава омраза, во духот на европскиот принцип ‘Обединети во различностите’. Исто така и во духот на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев: ‘Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите’. Така ќе можеме да градиме мостови, а не ѕидови.

Го крстивме по големиот поет Никола Вапцаров, роден во Македонија под турско владеење во 1909 година, кој ја изразил својата силна љубов кон Македонија во својата поезија:

Над мојата земја в небото опира Пирин

Облаците в бура илинденски прикаски пејат,

охридскиот лазур е бескрајно син и ширен,

а надолу уште изгрејсонце Егеј го грее.

Човек што го основа Македонскиот литературен кружок и како свое мото ги постави зборовите: ‘Ние сме Македонци и нашето творештво мора да биде во служба на македонската кауза’. Но, и човек кој пораснал во Бугарија, ја примил бугарската култура и создал прекрасна поезија на бугарски јази и со тоа ја збогатил бугарската култура.

Антифашист и идеалист. Човек што обединува. Човек-симбол на Македонците во Бугарија, кои молчеливо и чесно работат придонесувајќи за просперитетот на земјата во која живеат. Тие не добиваат признание за тоа и не го ни сакаат. Но, тие исто така не заслужуваат негирање, отфрлање, оцрнување.

Прогласени сме за непријатели, а нашите намери се пријателски; за сепаратисти, а нашиот стремеж е паѓање на границите и Обединета Европа; за илегалци, а сакаме да работиме во рамките на законите.

За 32 години нашите напори да ги регистрираме нашите здруженија, преку кои ќе учествуваме во културниот, социјалниот и политичкиот живот, се оневозможувани. За ова државата е осудена 15 пати од Европскиот суд за човекови права. Не сакаме никому да судиме, само сакаме да бидеме еднакви како другите граѓани. Сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци без да бидеме навредувани за то. Да можеме да се собираме и да создаваме без страв. Да бидеме од полза и за двете земји, и за двата народа – затоа што им ја знаеме душата и културата.

Да се биде Македонец не е антибугарски чин. Македонците во Бугарија 60 години се борат, не против некого, туку за своите човекови права. Подаваме рака за пријателство, но нема да кренеме раце за да се предадеме.

Тука денеска се собрани претставници на целиот македонски народ, од сите краишта на Македонија и светот, и од сите слоеви на македонскиот народ, од политичката класа на Македонија и од претседателот на Македонија, и од демократската јавност на Бугарија. Вашето присуство е силна порака кон сите. И кон нас дека не сме сами и кон оние кои сè уште нè негираат, дека македонскиот народ и чесните луѓе во Бугарија секогаш ќе стојат зад нашите праведни барања.

Ние ќе продолжиме да твориме, да одговараме со добрина дури и на омразата, со чесност на лагите, со достоинство на навредите.

Ви благодарам!“, рече Ризаков пред присутните на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград.