Борко Ристовски е херојот на Вардар, одведувајќи го бранителот на регионалната ракометна титула до ново финале на СЕХА со двата одбранети седмерца во пенал-серијата за триумф над Загреб од 30:29.



Голманот на европскиот шампион ги одбрани ударите од 7 метри на Владо Матановиќ и на Давид Мандиќ, донесувајќи им на „црвено-црните“ дуел за трофејот в недела од 20:15 ч. во Задар против Веспрем, кој во првиот полуфинален меч славеше над Мешков Брест со 28:24.

Македонскиот првак се врати од мртвите по 23:17 за загрепчани 11 минути до крајот, во што исто така вмеша прсти Ристовски, одбранувајќи го ударот на Мандиќ 10 секунди до крајот, а на спротивната страна Јотиќ погоди за 26:26 по 60 минути игра.

Херојот на вардарци го заврши мечот со девет успешни интервенции, а во нападот кај победниците се издвоија Кристијан Дисингер и Тимур Дибиров со по 6/8.

Во деветтото финале на СЕХА тимот на Стевче Алушовски ќе се бори за својата шеста титула, каде што по третпат ќе се сретне со Веспрем по 2016 и 2017 година, кога двата ривала освоија по еден трофеј.