Стефан Ристовски, најверојатниот нов капитен на фудбалската репрезентација на Македонија по повлекувањето на Гопран Пандев, не е задоволен од резултатскиот ефект на „црвено-жолтите“ во дебито на европските првенства, сметајќи дека можеле повеќе.



„Фудбалот не завршува денеска. Планирам уште да носам радости на македонската јавност. Емоциите владеат и сето тоа стои. Жал ми е мене лично што овој квалитет што го има македонската репрезентација не дојде до израз, но тоа е. Испишавме историја, горд сум на оваа генерација. Боже мој, одиме напред“, изјави дефанзивецот.

„Фудбал се игра сите 90 минути. Не може да се вадиме на она ‘херои’. За жал, можеби немаме сила да одиграме 90 минути како што треба на вакво натпреварување. Секој натпревар е едно искуство, но ЕП не е само искуство. Не дојдов тука туристички. Имам амбиции. Посакував да освоиме некој бод. На крајот на денот, сепак, среќни сме. Долго време се мачевме да дојдеме на едно големо натпреварување. Еве тука сме, па во иднина се надевам на подобро“, додаде фудбалерот на Динамо Загреб.

„Горан треба да биде пример на сите млади играчи што доаѓаат. Ако може тој со 37 години да игра, да патува, оставајќи го семејството дома, може секој од нас. Денес границите се поместени. Горан остави голем, голем впечаток. Не викаат за џабе ‘еден е Горан’“, заврши Ристовски.