Ракометниот „министер за одбрана“ Борко Ристовски реагира на изјавата од претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ, дека не размислува за оставка по неуспехот на машката репрезентација да се пласира на Евробаскетот.
„Важно стави на дресот ‘Северна’. Не ни очекувавме друго“, коментира на Инстаграм голманот на двократниот европски шампион Вардар.
„Воопшто не размислуваме за оставка. Ги направивме сите потребни работи, но ние не можеме да влеземе na теренот и да постигнуваме кошеви. Веруваме во тоа што го работиме и ќе продолжиме во тој правец“, порача Антиќ за можноста да се повлече од кормилото на Федерацијата откако кошаркарите со „Северна“ на дресовите завршија последни во квалификациската група со Русија, Италија и Естонија, од која сите три ќе играат на ЕП.






