„Доста е со медиумското пренасочување на вниманието. Сфатете ја големата слика. Власта, која тоне, купува време, за да добие уште некој месец, некоја седмица, некој ден, за да преживее и да се обиде да затскрие и да покрие што „работеле“. Не дозволувајте одредени споредни теми да не оттргнат од она, кое сите не засега и за кое мораме да добиеме одговори и одговорност од власта.“ – вели Александар Ристевски, колумнист и културен работник од Скопје, во својата колумна со наслов „Дефокусирање од реалните проблеми!“, која ја објави информативниот портал „Курир“.
Покрај другото, Ристевски пишува: Навистина сум воодушевен од она како општата јавност знае да загризе на одредени теми и да се преокупира со нив, во време кога се отвораат еден куп афери и настани, кои се однесуваат на сите нас, на целата држава. Се повторуваат истите шеми, кои 30 години се прават. За да се занимава народот во време кога се случуваат важни работи и кога се отвораат големи афери. Не така одамна ни се случуваа одредени договори, менување на Устав, промена на име на држава, се организираа неколку поголеми протести и се спласна. Тие кои останаа доследни и упорни пред Собранието, дури се дојде до ниво обичниот народ да ги пцуе, зошто „им го блокирале сообраќајот и не можеле побрзо да си одат дома!“.
Сега повторно истото: Владата е во фаза на реконструкција, две партии од владиното мнозинство излегуваат од неа истата, две недели не можат да истераат ништо и се заглавени во Собранието; афера за „купен“ имот од страна на претседателот на новиот владин партнер под сомнителни услови; афера со напредок во кариерата во судскиот и обвинителниот сектор на лица, кои положиле правосуден испит без да имаат оформено образование и кои се блиски роднини на водечки ликови од актуелната власт; непотпишаното големо задолжување од доскорешниот министер за правда;, трупање имот на високи функционери на власта без јасно објаснување како и од каде пари; вклучување во бизнис со струја и со лаборатории на лица, кои никогаш претходно тоа во животот не го работеле; вработувања по партиски и етнички клуч на битни места…
И што се случува? Сето ова е медиумски поклопено со кавга меѓу две инфлуенсерки, а потоа со непристојноста на искусен новинар кај млад јутубер. Плус тук таму некои теми, кои целосно го Одвлекуваат вниманието од суровата реалност: Живееме во држава, во која цутат непотизмот и корупцијата, тонеме системски, тонеме во долгови, се откажавме од сите национални интереси, народот е раскаран и поделен како никогаш до сега, а власта, која порано се жалеше за она предавници/патриоти, дополнително го подели народот, велејќи дека кој не е со нив не е европеец, туку е проруски настроен, што е фарса невидена.
Се тоне во секој можен аспект. Од каде да се почне: за енергетика, туризам, екологија, водни ресурси, инфраструктура, труд и социјала, војска, полиција и дипломатија? Кој ресор е успешен, со кој можеме да се гордееме дека има напредок и раст? Нема ниеден! Сите се тиња невидена. Лоши, или неискусни кадровски решенија, без приоритети, без план и агенда, без менаџерски капацитет, а со многу голема желба да се наплати брзо, или некој да се вдоми и награди.
Нема ништо од европска агенда. Кон Европа се оди само со распродавање на државните и македонските национални интереси. На терен, се е многу многу полошо од пред 15 години. Се вративме по многу аспекти на нивото од 2006 година. Разликата е што тогаш имаше огромен број невработени, желни да успеат и да се докажат, а беше потребно само раздвижување на економијата, за разлика од сега кога не работи само оној кој нејќе, или бира, а трагедијата е што многумина, кои вредат се потценети, се уназадени или се наоѓаат на погрешни места, а еден куп џаболебари држат фиктивно позиции. Затоа тапкаме во место и нема напред.
Home Македонија Ристевски: Нема ништо од ЕУ-агенда, само се распродаваат државните и македонските национални...





