Британскиот премиер кој во петте приоритети на неговата влада го стави запирањето на чамците со илегални мигранти, најави нови законски мерки според кои ќе станат неприфатливи барањата за азил од оние кои со мали чамци и илегално преку Ламанш влегуваат во Обединетото кралство.
„Не правете грешка, ако дојдете овде илегално, нема да можете да останете“, изјави Сунак за весникот „Мејл он Сандеј“.
Новиот закон за справување со проблемот треба да биде воведен во вторник, објави весникот, откако повеќе од 45.000 успеаја да го поминат опасниот воден пат преку Ламанш минатата година.
Британија сепак ќе ги испраќа илегалните мигранти во Руанда
Секретарот за внатрешни работи ќе биде должен да го трансферира секој што ќе пристигне со мал брод во Руанда или во некоја „безбедна“ трета земја „штом е разумно изводливо“ и ќе му забрани трајно враќање.
Поранешниот премиер Борис Џонсон постигна договор да испрати десетици илјади мигранти, од кои многу патувале од Авганистан, Сирија или други земји зафатени од војна, во африканската земја Руанда.
Сепак, оваа одлука беше оспорена пред судот, откако првиот закажан лет за депортација беше блокиран со налог во последен момент издаден од Европскиот суд за човекови права. Високиот суд во Лондон го прогласи за легален во декември, но неговите противници се обидуваат да поднесат жалба на пресудата.
Запрашан на Скај њуз дали на оние кои илегално пристигнуваат во Британија ќе им биде забрането да бараат азил, владиниот министер Крис Хитон-Харис рече: „Верувам дека да, да“.
„Ако луѓето дојдат во нашата земја нелегално, ќе бидат вратени или испратени некаде, како Руанда, на пример.
Запрашан како вистинските баратели на азил би можеле да го добијат, Хитон-Харис рече: „Апсолутно сум сигурен дека ќе има побезбедни и полегални патишта“.
Минатата година, 90% од повеќе од 45.000 луѓе кои пристигнаа во Велика Британија со мали чамци побараа азил.
Без драстични мерки, стравувањата се дека бројката ќе се искачи до 80.000 оваа година.
Целта на новата легислативата од вторник е да ѝ се доделат нови овластувања на Владата да дозволи притворање на илјадници баратели на азил пред да бидат испратени во Руанда.







