Кинескиот претседател Си Џинпинг веројатно гледа на неуспехот на Русија во Украина и размислува:
„На Путин му требам јас, но не ми треба тој“, пишува Ричард Ран, Претседател на Институтот за глобален економски раст и MCon LLC, во анализа објавена во „Вашингтон Тајмс“.
Ран објаснува дека Кина има десет пати поголем БДП и население од Русија. Кина произведува речиси се, а Русите не произведуваат речиси ништо освен нафта, гас, метали и дрва. Русија има речиси двојно поголема површина од Кина (или САД или Канада), но половина од земјата (Сибир и рускиот Далечен Исток) има помало вкупно население од кинескиот град Шангај.
Руската војска се покажа како неспособна и корумпирана и веројатно би била лесен плен за кинеската војска. Многу е веројатно дека Тајванците би можеле да и дадат на кинеската армија многу потешка борба од руската.
Русија стана најголемата земја во светот во однос на територијата бидејќи беше бескрајно експанзивна по конечното отфрлање на Златната орда (Монголите) во 1480 година.
(…)
И покрај кинеско-рускиот договор од јули 2001 година, кој ги реши нерешените гранични спорови меѓу нив, картата на која се илустрирани „Кинеските територии освоени и окупирани од царска Русија“ продолжи да стои во Воениот музеј во Пекинг неколку години потоа. Всушност, како што забележа Ран за време на неколку патувања на двете страни на руско-кинеската граница во 2000 година, „постои чувство дека во одреден момент Кина ќе се обиде да ги врати изгубените територии“.
„Рамнотежата на силите повторно се смени меѓу Русија и Кина, овој пат во корист на Кина. Откако патував и во Советскиот Сојуз и во Кина во раните 1980-ти, беше многу јасно дека Советскиот Сојуз (иако сиромашен според американските стандарди) е многу побогат и многу поразвиен од Кина.
Ми стана јасно на многубројните последователни патувања во следните децении дека Кина брзо ја достигнува Русија, ги прифаќа слободните пазари со многу поголем ентузијазам и на крајот ја надминува Русија во многу важни области“, констатира Ран.
(…)
Многу Кинези веруваат дека Русите го украле Источен Сибир и Далечниот Исток, на ист начин како што верувале дека Португалците го украле Макао, а Британците го украле Хонг Конг, во периодот на нивната слабост. Кина можеше да ги врати Макао и Хонг Конг без да испука ниту еден истрел, бидејќи ниту Португалија ниту Велика Британија не се сметаа за подготвени да потрошат крв и ресурси за да ги задржат, што веројатно би било изгубена битка.
Војната во Украина ја ослабува Русија и веројатно нема начин да запре (евентуална) кинеската окупација на Источен Сибир и на Далечниот Исток.
Претседателот Си веројатно ќе треба само да издаде закана за воена окупација за да ја натера Русија да ја разбере реалноста и да почне да признава одредени економски и политички права за Кинезите кои ќе одлучат да се преселат во спорната област.
Од политички и лични причини, на руското раководство би му требало Кинезите да направат разумни отстапки за да го спасат образот во замена за бавна окупација…што би можела да следи.
Кинескиот претседател Си тогаш може да каже дека речиси ја удвоил големината на Кина – без војна!






