По повикот на лидерот на Алијанса за Албанците и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставни измени, реагираа од опозицисиската партија.
„Подобро е резервниот портпарол на ДУИ Арбен Таравари да се занимава со локалните теми и со проблемите на Гостивар. Очигледно со централните прашања не му оди“, изјави портпаролот, Наум Стоилковски.
Претходно Таравари изјави дека сме и понудиле на ВМРО-ДПМНЕ, дојдете, гласаме за отворање на уставните измени, прва фаза…
…ќе распишеме избори и останува како обврска на било кој да е во идната влада, од кога ќе се гласа прва фаза на уставните измени, да се гласаат и втората и третата фаза на уставните измени, што би било некаква гаранција дека земјата ќе го продолжи патот кон ЕУ“, рече Арбен Таравари.
Таравари вели дека овие разговори не ги водел со шефот на опозициската партија Мицкоски, но дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека треба да се случат уставните измени И тој вели дека репреговарање на Договорот не може да има.
„Има пратеници со кои сме разговарале и други експоненти на партијата. Има од нив кои мислат дека е моментот уставните измени да се случат за Македонија да почне со преговорите со ЕУ.
Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го ветува дека после избори ќе има подобра понуда (за решавање на спорот со Бугарија) тоа понуда може да биде уште полоша од претходната, значи ова што дојде од Француското претседателство“, порача Арбен Таравари.
Собраниската седница на која на дневен ред е точката за првата фаза од уставните измени, односно гласањето за потребата од измени на Уставот е закажана за 18 август за која исто така е потребно двотретинско мнозинство.
Досега од ВМРО-ДПМНЕ не го променија ставот дека нема да дадат поддршка за уставните измени.






