Двајца починати и рекордни 44 нови заболени лица е билансот во последното деноноќие од ширењето на коронавирусот во Македонија, а вкупната бројка на пациенти достигна 329.



Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Ковид-19 починаа двајца мажи, едниот на возраст од 45 години од Куманово, другиот на возраст од 78 години од Дебар. Со тоа, бројот на жртви од пандемијата во земјава се искачи на девет.

Во изминатите 24 часа направени се 392 тестирања, а потврдени се 44 нови случаи на коронавирус, од кои 23 во Куманово, 11 во Скопје, четири во Тетово, три во Битола, два во Струга и еден во Прилеп.

На скопската Инфективна клиника се хоспитализирани 54 пациенти од коронавирус, од нив четворица се во критична состојба, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.