Откако се врати на пазарот како сериозен играч, РКМ Дооел, на Ратко Капушевски главно работи со мазут, и завзема сериозен дел од структурата на продажба на горива за трговците на мало, на големите компании и на јавните набавки за државните институции.
Ова го покажува извештајот на Регулаторна комисија за енергетика за 2021.
РКМ по долги години пауза, во 2021 се враќа со продадени 12.245 тони мазут и со 3,62 отсто од структурата на продажба. Компанијата во 2020 година увезе само 1 218 тони мазут и тоа главно продаден на пазарот на мало.
ОКТА две години по ред како не доминира повеќе на пазарот на големо и лани го завзема второто место со продадени 59.888 тони гориво, зад Супертрејд со 69.829 тони. Пред РКМ се уште Дади Оил (33.756), Макпетрол (32.667), Јавор Шпед (25.740), Пуцко петрол (19.958), Детоил (19.049) и Ли-Оил (13.815). РКМ има повеќе продажби од Лукоил кој е последен во Топ-10 со 10.803 тони гориво продадено на големо.
„РКМ ДООЕЛ“ претходно во два наврати склучи јавни набавки со БЕГ за доставување на мазут како резерва во случај на недостиг на природен гас – еднаш во 2020 и еднаш на почетокот на 2022.
Оваа компанија на средината од минатата година беше меѓу седумте парично казнети компании за констатирани неправилности со дистрибуирањето мазут кои добија прекршочни казни во вкупен износ од 55.510 евра. РКМ беше санкционирана за немање на залихи и за неточно водење на сметководство.





