Регулаторите ги објавија новите цени на струјата од 1 јануари

Оние кои штедат, уште повеќе да штедат за да немаат зголемени сметки, порачаа од Регулаторната комисија. 



Минимална корекција на цената на струјата од 1ви јануари. Цената за потрошен киловат во првите два блока минимално поефтинува, но поголемите „трошаџии“ ќе плаќаат поскапа струја. РКЕ ги објави новите цени. Промени има и во износот на мрежарината, односно давачката за пренос и дистрибуција. Од 3,3 денари колку што изнесуваше, сега се намалува на 2,68 денари. Домаќинствата ќе добијат пониски цени во блоковите, и намалена мрежарина, но ќе добијат повисоко ДДВ од 5%. Сепак првиот регулатор Марко Бислимовски уверува дека ДДВ-то од 10% нема да има влијание на цените за потрошувачите кои влегуваат во првите три блока.

Благо зголемување има и на цената за ефтина тарифа. Па така ако досега потрошен киловат во ефтина струја чинеше 3,99 денари, сега ќе чини 4 денари.

Најголеми промени има кај индустриската струја. Цената за малите потрошувачи се намалува за околу 20%. Па така, од 17,19 денари, цената за потрошен киловат се намалува на 13,73 денари. Додека во ноќната ефтина тарифа, цената од 13,51 денар се намалува на 10,78 денари.

Новите цени ќе се пресметуваат од 1ви јануари, министерот за економија Крешник Бектеши на својот ФБ профил напиша:

– Нема да оставиме енергетската криза да биде на товар на граѓаните. Од 1 јануари, пониски цени на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи.