Официјални лица инсталирани од Русија во окупираните региони на Украина во вторникот објавија дека огромно мнозинство од граѓаните во проруските региони по пет дена гласање се изјасниле за приклучување кон Русија.
Референдумското изјаснување траеше од 22 до 27 септември во Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
За време на петдневното гласање жителите на овие украински региони требаше да одговорат на прашањето дали сакаат да станат дел од Русија.
Проруските функционери објавија дека сите четири украински региони гласале за приклучување кон Русија. Во Запорожје, 93% луѓе гласале за анексија, 87% во Херсон, 98% во Луганск и 99,23% во Доњецк.
Овие области сочинуваат 15% од територијата на Украина, но сè уште не се под целосна контрола на руските сили, вклучувајќи го и градот Запорожје, кој пред војната имал над 700.000 жители.
Во зависност од исходот на гласањето како и по најавите дека утре Руската дума ќе го разгледува ова прашање би можело да се очекува следната недела да биде одобрена анексија.
Претседавачот на Советот на Федерацијата, горниот дом на законодавното тело контролирано од Кремљ, истакна дека сенаторите се „подготвени да ги разгледаат“ законите за формално присоединување на областите во Русија на 4 октомври.
Законите за анексија се очекуваат брзо да бидат заверени од двата дома на парламентот пред да му бидат предадени на Путин на потпишување.







