Реџепи: Уривањето на Владата беше лоша авантура, ова мнозинство ќе владее до 2024 година

Првиот што се пишмани во врска со иницијативата за интерпелација на Владата на Заев, пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Алтернатива, го оцени својот и обид на опозицијата како избрзан.



„Обидот за уривање на Владата беше лоша авантура. Тоа е лошо политичко искуство. Избрзавме, но иницијатори беа ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците“, се правдаше членот на претседателството на Алтернатива во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Реџепи е уверен дека новото владино мнозинство ќе го истурка мандатот до крај, односно до 2024 година.

„Ако оди сè како што треба, ако успееме да добиеме датум, тогаш ќе се фокусираме на крупни реформи, на борбата против корупцијата, на проекти во економијата, владеењето на правото и во тој случај не гледам причина зошто би требало да има предвремени избори. Ова мнозинство ќе го истера цел мандат, до 2024 година“, очекува довчерашниот опозиционер што преку ноќ го смени дресот со тројцата сопартијци.